Приредувачите на наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ го организираат вториот настан „Кафе со преведувачот“, на 21 јануари, во 19 часот, на кој гостинка ќе биде Румена Бужаровска.
Бужаровска е писателка, професорка, преведувачка и од неодамна прва амбасадорка на „Вавилон“. Преведува од англиски на македонски (Џон. М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти, Ијан Рид, Фланери О’Конор) и предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет во Скопје.
– Знаеме дека ќе почнеме со муабет за квалитетот и важноста на книжевните преводи, за читателската публика, за Вавилон, предизвиците кај нас, студентите, а каде ќе завршиме, ќе видиме – велат организаторите во најавата за настанот на социјалните мрежи.
Настанот е од отворен карактер и бесплатен, каде што и самите учесници ќе имаат можност да ги споделат своите согледувања.
Бужаровска објавила четири збирки раскази: „Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“, како и студија за хуморот во книжевноста „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“. Расказите ѝ се објавени во превод на англиски, хрватски, украински, српски и германски јазик.