Роман за она што го немаме, а мислиме дека го имаме

Нов роман на Блаже Миневски во „Матица македонска“

Во време во кое мислиме дека целиот свет е наш, а всушност ништо не е наше, луѓето повеќе живеат во она што го немаат одошто во она што го имаат. Го посакуваме она што го немаме, заборавајќи го она што го имаме. Токму затоа во самиот вовед на романот „Фантомско стапало“ на Блаже Миневски, во посветата потпишана од главниот лик, претставен како „народен мислител“, стои дека „еден ден ќе го немаме ова што го имаме, па ќе мислиме дека го имаме она што го немаме, како што јас мислам дека го имам стапалото што го немам. Ќе нѐ чеша тоа што го немаме како да го имаме.“ Во тој контекст, најновото прозно дело на Миневски, кое наскоро излегува од печат во издание на „Матица македонска“, може да се дефинира како роман за она што го немаме, а мислиме дека го имаме, или: роман за реалното отсуство и фиктивното присуство. Тоа е приказна што се протега од границите на реалниот свет до длабоката илузија на постоењето.
Како своевиден народен мудрец, кој се движи со својот манастирски стол, македонско копаничарско ремек-дело претворено во инвалидска количка, главниот лик во „Фантомско стапало“ верува дека секое живо суштество мора да помине низ страдање, ако не денес тогаш утре, но тоа не значи дека треба да се плаши и да се предаде на стихијата на малодушноста и сервилноста.

Според него, во животот е поважно да се биде активен отколку успешен. Милиони луѓе не сакаат да се обидат затоа што се плашат дека нема веднаш да успеат. Иако нема десно стапало и се движи со помош на самоделска количка, тој верува дека животот е фронт за кој нема поштеда за никого, а за да се победи мора да се ризикува, да се анализира и да се утврди што ни недостига, да се промени она што не чини, и пак да се ризикува. Ако се бориме со верба дека ќе победиме, постојано ќе напредуваме кон совршенство.
Преплетувајќи ги судбините на оние што реално отсуствуваат со оние што фиктивното присуствуваат, и обратно, Миневски во својот најнов роман, користејќи оригинална стратегија на духовити пресврти и метафорички асоцијации, гради фасцинантна наративна структура што може да се нарече „фантомска реалност“, која се „исчитува“ на повеќе нивоа од приказната, почнувајќи од она што го немаме а мислиме дека го имаме до она што го имаме а всушност го немаме.

Притоа романот е преполн со настани што се случуваат во она што можеби го имаме, но и во она што веќе го немаме. Во таа насока една од метафоричните рефлексии на оваа симбиоза на „присуството како отсуство“ и „отсуството како присуство“, секако, е и актуелната состојба во која живееме, мислејќи дека го имаме она што го немаме, па нѐ чеша тоа што го немаме како да го имаме.