Во издание на „Бата прес“ излезе од печат романот „Карусел“ од познатиот хрватскиот писател Лудвиг Бауер. Делото на македонски го преведе Ненад Баткоски, а објавувањето е поддржано од хрватското министерство за култура.
На самиот крај на 20 век, во родното провинциско гратче Градец, од Америка – на погребот на својата помајка – доаѓа Мирослав, кој сега се вика Фредерик.

Тој ја среќава својата неостварена љубов од детството, Габриела. Низ судбината на овие необични јунаци Бауер дал пластична слика на хрватската провинција, нејзините жители и предрасудите што отсекогаш ги оптоваруваат. „Карусел“ е роман со силни ликови, чии човечки судбини имаат универзална вредност, а нивните обиди да ја преживеат мелницата на големата историја добиваат карактеристики на вистинско херојство.

– Карусел е темелно замислен роман и е еден од најдобрите романи на современата хрватска проза – пишува за делото познатиот хрватски книжевен критичар Матко Владановиќ.
Лудвиг Бауер дипломирал славистика во Загреб, а школувањето го продолжил во Братислава и во Прага. Преведува, пишува книги, телевизиски и филмски сценарија (автор е на сценариото за цртаниот филм „Балтазар“).

Објавил повеќе книги за деца и единаесет романи. За романот „Роден крај, заборав“ ги доби наградите „Меша Селимовиќ“ и „Фран Галовиќ“ за 2011 година, а во 2019 година ја доби наградата „Владимир Назор“ за роман на годината. На македонски јазик, во издание на „Бата прес“, во 2015 година му е објавен и романот „Големата љубов на Дон Жуан и малата балканска војна“.