Вечерва со почеток во 20 часот, на градскиот плоштад во Кичево, ќе се одржи „Рок концерт Перспектива“, каде што ќе настапат повеќе рок групи од новиот бран од градот и нивните гости. Покрај домашните бендови, на коцертот како гости ќе настапи групата Инстинкт од Ресен, додека од Кичево ќе настапат три рок групи и двајца рок-солисти.

Секоја од рок групите ќе има можност своите музички потенцијали да ги потврди во време од околу дваесетина минути. Овој рок концерт е продолжение на концертите што во изминатите две години се одржуваа во Кичево и, каде настапија рок групите кои биле пионери во музичката сфера во градот, како и рок групите кои се иднината на рокот во Кичево.

– Вечерва на платото пред музејот „Западна Македонија во НОВ“, со почеток во 20 часот, ќе се одржи „Рок концерт Перспектива“, каде што ќе настапат три рок групи од градот, една рок група од Ресен и двајца локални рокери солисти. Од кичевската музичка сцена ќе настапат групите Halfgot, Future band, Blur band и локалните солисти Бојан Вељаноски и Плумб Керими, а гости на овој рок концерт ќе биде рок групата Инстинкт од Ресен. Секој од бендовите ќе има на располагање време од околу дваесетина минути да ги покаже своите музички вредности. На концертот ќе бидат изведени како македонски така и познати композиции од светската музичка сцена. Поради отсуството на рок легендите, наместо во два вечери, концертот ќе биде организиран во една вечер, за разлика од претходните две години кога првата вечер се претставија рок легендите а втората вечер беше резервирана за кичевската рок перспектива – истакна организатор на овој рок концерт, Марина Митреска Костеска од Ценарот за култура во Кичево.