Изложба на фотографии со наслов „1918/2018 рефотографирање“ на авторот Роберт Јанкулоски ќе биде отворена денеска, во 13 часот, во галеријата на Заводот и музеј Битола. Покрај неговите 32 фотографии, ќе бидат изложени и 18 фотографии на фотографите: Јанаки Манаки, Милтон Манаки, Зафир Ошавков и Кирил Миноски. Изложбата е во организација на Македонскиот центар за фотографија, во соработка со Државниот архив на Република Македонија – одделение Битола и Заводот и музеј Битола.

– Низ виртуозната естетичка опсервација на Јанкулоски се случува таа антивавилонска сила што може еден век да го претвори во еден фотографски миг и слично на постмодерните истражувања на Кристијан Болтански, во неговата уметничка проекција „Последните секунди“, да ни го отвори радикалното прашање дали континентот Европа ќе може да го преземе историскиот товар на императивот дека може во иднина да биде цивилизација на љубовта. Во светот на Јанкулоски, низ европската перспектива на европската трагедија, го откриваме фотографското огледало на Андреас Гурски, кој вели дека во секој пејзаж на глобализацијата ние го откриваме, всушност, нашиот внатрешен свет. Едно од клучните прашања на модерната европска цивилизација беше зошто никој во Европа не знае да крикне. Брилијантните фотографски пандани и откритија на Јанкулоски покажуваат дека нема поголем крик од немиот крик на фотографијата како опомена што било во минатото, а што ќе биде во иднината – пишува во каталогот за изложбата Јордан Плевнеш.