Во концертната сала на музејот „Борис Христов“, во Софија, се одржа „Солистички рецитал на пијано-дуото Аврамовска – Мариновски“. На програмата на концертот беа дела од Бетовен, Александар Јосифов, Шуберт, Сметана и од Дворжак.
Јасна Аврамовска (1969, Скопје) е македонската пијанистка. Живее во семејство на музичари, нејзиниот татко е композитор, а мајка ѝ оперска певица. Студирала на ФМУ во Скопје и продолжила на постдипломски студии во Софија, Бугарија, на Националната музичка академија, каде што нејзин најзначаен ментор беше познатата професорка Жeни Захариева. Учествувала на многу мастеркласови на познати светски пијанисти: Борис Романов, Икуко Ендо, Сачико Кодама, Антон Диев, Јокут Михајлович, Милена Молова, Душан Трбојевиќ.
Дарко Мариновски дипломира на Музичката академија во Скопје во класата на проф. Борис Романов вo 1997 година, а магистрира 2000 г. на истата академија во класата на проф. Јасминка Чакар. За време на студиите настапува на повеќе концерти вo Скопје на ,,Скопско лето“, ,,Охридско лето“ и на други манифестации. По завршувањето на студиите, започнува неговата соработка со реномираниот баритон Борис Трајанов со кого настапува нa голем број значајни фестивали и манифестации. Во 2015 г. заедно со пијанистката Јасна Аврамовска го основа пијано-дуото Аврамовска – Мариновски, кое до денес бележи голем број успешни настапи низ повеќе градови во Македонија и во Њујорк (САД).