Синоќа во галеријата на Домот накултурата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше организиран мултимдијален културен настан во чест на прерано починатиот ликовен уметник Димитар Младенвски (1970- 2017) од Скопје. Младеновски е еден од македонските ликовни уметници од помладата генерација кој остави траен белег на модерната македонска ликовна сцена и покрај неговото прерано заминување. Тој е добро познат на кавадаречките љубители на ликовната уметност, со неговото учество во кавадаречките ликовни колонии и соработката со кавадаречките ликовна уметници. Неговата прва самостојна изложба беше отворена во Музеј–галерија Кавадарци по што следеа уште десетина самостојни изложби. Беше член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

– Најголем дел од делата на оваа изложба за првпат се изложени пред јавноста а се дел од богатата семејна колекција на семејството Младеновски. Овој мултимедијален настан во чест на Димитар Младеновски го осмисливме со цел да слушнете дел од неговата поезија бидејќи верувам дека малкумина од вас знаат дека пишуваше и поезија, а ќе биде пропратен со настап на „Брекдаун Бенд“ – најави неговиот брат Петар Младеновски.

Патот на уметноста е непредвидлив,
Исполнет со многу неизвесност,
Загатки…тајни. Јас сум патник на бескрајот,
Боите се моето превозно средство, линиите,
Формире и обликот. Вечноста на
Творечкото постоење е мојот дом.

Ова се само неколку стихови од прекрасната поезија која присутните можеа да ја проследат во интерпретација на Елизабета Младеновска.

За творештвото на Димитар Младеновски, Живко Поповски – Цветин ќе напише: Тој работеше упорно, со часови и денови, максимално исцрпувајќи ги неговите физички и психички можности за да наслика што повеќе. Па и за време на неговиот одмор крај Тиквешко Езеро, Пештани, кај Моклишката воденица, деновите минати на Побожје и Скопска Црна Гора.

Со слична инспирација настануваат и неговите акварели додека платната со
таканаречената мртва природа се работени во семејна атмосфера. Кога се обидува да го комерцијализира својот труд тој не успева, бидејќи победува уметничкото во него. Неговата сензитивност, богатството на идеи, чуството за колорит и игра на боите, придонесуваат да се изразува во повеќе техники кои доаѓаат до израз на неговите самостојни изложби, особено онаа со апстракциите во скопската галерија Селект или минијатурните акварели во галеријата Точка, на изложбата на цртежи во Музејот на град Скопје и така натаму.

Димитар е уметничка душа со сите особености, ја сака и ја работи ликовната уметност, пишува поезија, слуша музика која најчесто е рок и класика, во чие друштво ги создава своите слики. Иако од Скопје, Димитар својата прва изложба ја имаше во Кавадарци што за него има особено значење ако се знае дека овој град е расадник на голем број уметници од различни генерации и жанрови. Со кавадаречките сликари дружеше на неколку колонии и притоа наслика и подари повеќе платна во овој град кој нему многу му помогна.

Ми.М.