Во Чифте амам вечер од 19 часот ќе бидат отворени ретроспективна изложба „50 години Светска галерија на карикатури (1969-2019)” и изложба на 270 селектирани меѓународни уметници од Остен Биеналето на цртеж „Скопје 2018“.
 
Настанот е во пресрет на одбележувањето  половина век од Светската галерија на карикатури и Остен биеналето на цртеж „Скопје 2018“.
 
Ќе бидат врачени награди и признанија на наградени уметници, карикатуристи и соработници на Остен уметност на хартија. Наградени се четворица уметници од Македонија (Родољуб Анастасов, Дарко Талески, Милан Андов и Невзат Бејтули Кица); по двајца од Италија (Пасквале Селона и Франко Векиет), Германија (Барбара Крол и Хелен Шулкин), Полска (Себастијан Лубински и Агњешка Х. Јанкиевич), Бугарија (Трајана Панајотова и Светла Радулова) и по еден уметник од Холандија (Херман Нордермер), Грција (Харис Кондосфирис), Србија (Тијана Којиќ), Русија (Олга Тобрелуц), Обединетото Кралство (Петре Николоски), Турција (Ахмет Албајрак) и од Јужна Кореја (Босук Ли).
 
Награди ќе добијат и десет карикатуристи: Владимир Боројевиќ, Златко Крстевски и Блаже Докулевски од Македонија; Недељко Убовиќ од Србија; Дамир Новак и Ратко Маричиќ од Хрватска, Дарко Дрљевиќ и Лука Лагатор од Црна Гора и Иваило Цветков и Милко Диков од Бугарија.
 
На настанот ќе учествува и ќе се обрати премиерот Зоран Заев.