Присуството на трагични и тешки теми во делата, во кои постои целосно отсуство на среќа, удобност, задоволство, зборува за непосредноста и значењето на очајот што нѐ води до непријатност, но и до отворање на духовното, како реализација на позицијата во која се наоѓаме, велат од Националната галерија

Изложбата „Сабскрипт“ на новосадскиот уметник Горан Деспотовски ќе се отвори вечерва, во 20 часот, во објектот „Чифте-амам“. Изложбата има ретроспективен карактер и се протега низ корпусот на неколку негови дела, главно во медиумот на инсталацијата.
– Во најголем дел од реализираните инсталации и објекти, авторот ги претставува личноста, групата, масата луѓе во форма на кукли што го контекстуализираат присуството на лице/а во одреден простор, но без него/нив во буквална смисла. Луѓето формирани на овој начин и замислени во група, преку нивниот став, состојба, облека, изразуваат чувство што може еднакво да се идентификува со состојбата на група во редови, кампови, затвори, болници, чекалници и слични околности и места. Примарен извор за таквото претставување група луѓе се разните бурни и репресивни состојби што му се наметнуваат на човекот. На овој начин, Деспотовски ги поврзува општите места на исцрпеност на човекот во губењето на идентитетот, кога со друго лице/а создава безлична група луѓе без идентитет… Егзистенцијалните прашања и справувањето со нив ги проникнуваат сите дела на Деспотовски и неговите доминантни прикази на луѓе – фигури – кукли, алегорично и симболично, го принудуваат гледачот да се идентификува со нив и на тој начин да го преиспита сопственото место во општеството – информираат од Националната галерија.
– Присуството на трагични и тешки теми во делата, во кои постои целосно отсуство на среќа, удобност, задоволство, зборува за непосредноста и значењето на очајот што нѐ води до непријатност, но и до отворање на духовното, како реализација на позицијата во која се наоѓаме. Категориите живот, страв, вина, избор, страдање, смрт – се централни теми во егзистенцијална смисла, каде што можеме да ја набљудуваме положбата на една личност на многу различни начини – се вели во најавата за изложбата што ќе биде отворена до 28 октомври. Кураторка на проектот е Ана Франговска.