Посети го музејот

Ресенски сарај е дворец во градот Ресен и е еден од најпретставителните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија. Изграден е во француски неоренесансен стил и се смета за еден од поважните примери на архитектурата од почетокот на 20 век, во кој се присутни елементи и од другите европски историски стилови во архитектурата. Граден е во периодот од 1905 до 1909 година, од еден од водачите на Младотурската револуција, Ахмед Нијази-бег. Неговиот покрив е обновен во 1982 година, а во 2005 година е реставриран со средства од Светска банка.
Објектот е висок 25 метри, со површина од 4.800 квадратни метри внатрешен простор, а во обработката на ентериерот се користени префинето обработени висококвалитетни материјали. Денес зградата на сарајот е дом на култура „Драги Тозија“ и во него е сместена постојаната поставка на делата на македонската сликарка Кераца Висулчева, која е дел од Музејската збирка Ресен на Музејот на Македонија, како и галеријата на дела од Ресенската керамичка колонија.
Командантот на турскиот аскер во Ресен, мајорот Ахмет Нијази-бег, од 1908 до 1912 година го изградил Ресенскиот сарај, кој до ден-денес претставува значајно обележје на градот. Сарајот служел како седиште на многу управи по Балканските војни. Тука била сместена српската управа, а потоа управата на Кралството Југославија. За време на двете светски војни овде се наоѓале окупаторските управи, а по ослободувањето била сместена управата на Општина Ресен. По изградбата на сопствена градба на Општина Ресен во 1980-тите, биле сместени културно-просветните организации, како што се домот на културата „Драги Тозија“ (во чии правни рамки се наоѓаат Градската библиотека, Музејската збирка Ресен при Музејот на Македонија, Ресенската керамичка колонија, Радио Ресен и неколку простории на невладините организации, од кои едната го носи името на Нијази-бег).