Во Кинотеката на Македонија денеска и утре репризно ќе бидат прикажани три филма што беа наградени на третиот меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“, кој заврши минатата недела.

Од 20 часот вечерва е проекцијата на апсолутниот победник на годинашниот фестивал – „Блискост“ на рускиот режисер Кантемир Балагов, кој ги доби трите главни награди: најдобар филм, најдобро сценарио и најдобра режија.

– За овој контроверзен филм во Русија се вели дека „не е баш добро да се прикажува, но кога веќе мора, тоа нека биде без голема помпа“. Секаде каде што е прикажуван публиката жестоко реагирала, а некои од нив и не можеле да го догледаат поради жестокоста со која ѝ пристапува на темата – наведува „Киненова“ за филмот на Балагов, кој произлезе од филмската академија на познатиот руски режисер Александар Сокуров.

В недела во Кинотека ќе има две проекции – од 18 часот е перуанскиот „Ретабло“ на Алваро Делгадо Апарисио – приказна што низ визуелно супериорен пејзаж на Андите раскажува за малите луѓе и нивните неоткриени тајни.

Во 20 часот в недела ќе биде прикажан и бугарскиот филм „Ага“ на Милко Лазаров, кој досега има освоено седум награди на фестивали, меѓу кои и „Срцето на Сараево“ на „Сараевскиот филмски фестивал“.