Двојката насликана од ренесансниот уметник Бартоломеј Бруин Постариот, пред нивниот брак во 1539 година, конечно се обедини, откако историчарка на уметноста се претвори во детективка, минувајќи две децении собирајќи индиции од цела Европа за повторно да ги обедини портретите.
Јакоб и Елизабет Омфалиус, членови на високото општество во Келн од 16 век, „гледаа“ еден во друг во текот на 350 години поминати во нивните дрвени рамки, пред да бидат разделени за време на продажбата во аукциската куќа во Лондон во 1896 година. Портретите што го сочинуваат диптихот заминаа секој по својот пат, а идентитетите на мажот и на жената што веќе беа изгубени во меморијата до моментот на аукцијата, се чинеа заборавени засекогаш.

Мистериозната млада жена, со плетенки во косата и гранка во рацете завршила во колекцијата „Риксмузеум“ во Амстердам во 1912 година, пред да биде дадена на заем во музејот „Маурицхајс“ во Хаг во 1951 година.
Анализирајќи го тоа што се случува во заднината на женската фигура, професорот по граѓанско право во Келн, Питер Белингхаусен, сугерираше дека жената веројатно позира пред брак, но никој не би можел да знае кој е младоженецот и каде е тој. Само пред 20 години се појавија првите значајни индиции, кога Ариен ван Сухтелен, кустос во „Маурицхајс“ – музеј посветен на уметноста на холандската златна доба – откри каталог од лондонската аукција во архивите на Холандскиот институт за историја на уметноста. Таму таа ги пронајде податоците за продажбата на диптихот, погрешно наведен како дело на холандскиот сликар Жан Госер, како и скици на семејните грбови на прикажаната двојка, што создаде врска со мистериозната жена во „Маурицхајс“.

Вооружена со пронајдоците, Ван Сухтелен го посетила градскиот музеј во Келн, каде што открила дека грбот на човекот му припаѓал на Јакоб Омфалиус, почитуван адвокат. Добро зачуваните граѓански записи во градот откриваат дека Јакоб стапил во брак со Елизабет Белинхаузен на 8 февруари 1539 година.
– На аукцијата тие беа разделени, можеби за галеријата да заработи повеќе пари. Во уметничката трговија каде што никогаш не можете со сигурност да знаете. Портретот на мажот му беше продаден на англискиот уметнички дилер, Ралф Брокелбанк, а другиот портрет заврши во колекцијата на Корнелис Хугендијк, кој го остави во „Риксмузеум“ во 1912 година. Значи, имавме сè, освен сликата на Омфелиус. Морав да ги држам очите ширум отворени – вели Ван Сухтелен.

Податоците покажуваат дека сликата со мажот последен пат била продадена на аукција во 1955 година, но оттогаш таа не била видена до мај 2019 година, кога Јакоб повторно се појави како „портрет на непознат човек“ во мала аукциска куќа во Париз. „Галери де Џонкхере“ ја купила сликата без да го знае идентитетот на личноста. Но кога е изложена во Женева, таа е забележана од уметнички кустос во германски музеј, кој ја препозна како портретот што го бараат од „Маурицхајс“. Со помош на здружението „Рембрант“, холандската лотарија и приватен донатор, портретот на Омфалиус беше купен годинава за 250.000 евра.
Бруин Постариот е германски мајстор, чии дела се наоѓаат во Националната галерија во Лондон и во „Лувр“ во Париз.