Стручни лица утврдиле дека сликата, која била изложена во собранието шеесетина години, всушност, е најстарата верзија на најпознатото дело на фламанскиот барокен сликар Жак Жордеин, „Свето семејство“

Случајното откривање на уметничко ремек-дело во бриселското градско собрание предизвика вистинска сензација. Стручни лица утврдиле дека сликата, која била изложена во собранието шеесетина години, всушност, е најстарата верзија на најпознатото дело на фламанскиот барокен сликар Жак Жордеин, „Свето семејство“. Таа била откриена за време на извршениот попис на уметнички дела во градското собрание во 2019 година, а претходно се верувало дека станува збор за копија.
Делото е создадено во 1617, или во 1618 година, објави Кралскиот институт за културно наследство што помогна во откривањето. Различни верзии на ова дело, кое го прикажува малиот Исус со Јосиф, Марија и нејзината мајка св. Ана, се изложени во музејот „Метрополитен“ во Њујорк, во „Ермитаж“ во Санкт Петербург и во „Алте Пинакотек“ во Минхен. Деталната анализа на дрвената подлога на бриселската слика им овозможила на стручните лица да потврдат дека станува збор за најстарата верзија на композицијата, објави Институтот.

Јост Вандер Авера, кустосот на белгиските кралски музеи на убавите уметности, изјави дека откритието нуди подобро разбирање на подоцнежните верзии на делото.
– Анализата на дрвото покажа дека потеклото е од ист трупец, кој го користел другиот барокен мајстор, Антони ван Дајк. Тоа ја потврдува хипотезата дека младите Жордеин и Ван Дајк дејствувале истовремено во Рубенсовото ателје – изјави Вандер Авера.
Сликата, која висела на ѕидот на градската канцеларија за планирање и развој од 1960-тите, по обновата ќе биде префрлена во Кралските музеи на убавите уметности на крајот на 2021 година.