Врвот на деловната зграда Сбербанка свети во блескави нијанси на зелена боја, а неколку блокови подолу, кон реката Москва, Сбербанка свети во ултракорпоративните бои на главниот спонзор на големата изложба, која по парискиот „Лувр“ гостува во санктпетербуршкиот „Ермитаж“ и во московскиот музеј „Пушкин“ – „Добата на Рембрант и Вермер – ремек-дела од Лајденската колекција“

Минатата година уметнички и архитектонски дела се изведувани на секој тротоар, плоштад, парк, не само во булеварското срце на градот Москва, туку и на сообраќајниците и помеѓу станбените блокови, а оваа година, непосредно пред Светското првенство во фудбал, резултатите од педантната замена на плочникот – наместо малите камените коцки, сега се поставени мошне големи парчиња мермер, ја прават руската престолнина да личи на големо лежечко огледало.
Москва ја осветлија, не само свечените зданија што ја потврдуваат актуелната моќ или историските споменици со кои изобилува, туку и блескави вијадукти, надвозници, лебдечки крстосници – секоја градбена структура – е сообраќајна жила на мегалополисот. Изостанува единствено индивидуалното осветлување на стеблата што се засадени да го облагородат градот – донесени се илјадници млади листопадни дрвја од руските и од европските расадници.

Врвот на деловната зграда Сбербанка – модерна реплика на славните пирамидални кули како што се универзитетот „Ломоносов“, Министерството за надворешни работи или хотелот „Украина“ (преиначен во хотел „Де лукс Радисон“), свети во блескави нијанси на корпоративната зелена боја. Неколку блокови подолу, кон реката Москва, Сбербанка свети во ултракорпоративните бои на главниот спонзор на големата изложба, која по парискиот „Лувр“, гостува во санктпетербуршкиот „Ермитаж“ и во московскиот музеј „Пушкин“ – „Добата на Рембрант и Вермер – ремек-дела од Лајденската колекција“.
Лајденската колекција им припаѓа на д-р Томас Каплан и на неговата сопруга Дафни Реканати Каплан и една е од најголемите приватни колекции на холандското сликарство на 17 век во светот. Колекцијата е наречена по Лајден, досега познато место по настанокот на првиот кондензатор – што е значајно за развојот на егзактната наука физика, но и град во кој е роден Рембрант и каде што ја почнал кариерата. Колекционерите Каплан со помош на три градивни елементи за создавање на импозантната збирка на уметнички слики – „комбинација на длабока посветеност, страсна истражувачка работа и колекционерска среќа“, во релативно краток рок собрале 82 дела на Рембрант, дела на сликари чиј истражувачки пат Рембрант го почитувал и унапредил, дела од неговите ривали, ученици и продолжувачи на стилот.

Брачната двојка Каплан не го споменува четвртиот елемент за секоја стабилна колекционерска збирка – парите, кои се толку битни што се подразбираат.
Изложбата во музејот „Пушкин“ претставува 12 Рембрантови ремек-дела – три што настанале во Лајден – од циклусот алегорија на сетилата, кој се состои од алегорија на допирот „Камен зафат“, на слухот „Тројца музичари“ и на мирисот „Пациент без свест“ и оние од Амстердам – „Портрет на маж во црвен капут“, „Автопортрет со око во сенка“ или сликата „Минерва“, која е во своевиден дијалог со Рембрантовите дела што се изложени во славните музеи – од „Прадо“ во Мадрид, „Ермитаж“ во Санкт Петербург и „Метрополитен“ во Њујорк.
Капланови ја поседуваат и сликата на Рембрантовиот учител Питер Ластман, потоа на Јан Ливенс, колега со кој Рембрант го делел ателјето во Лајден, делата на лајденските маниристи и негови ученици Герит До и Франс ван Мирис. Две слики на Франц Халс, портрет на Самоел Ампциг, работен на бакар, и Конрадус Витор, масивно дело на платно, кои се своевиден врв на колекцијата.

Два цртежа ја прават комплетна брилијантната Лајденска колекција на слики – Рембрантовата лавица и мини-студијата на глава од мечка на Леонардо да Винчи, претставено под посебно светло за да се намали ефектот на исчезнување на бојата, затоа што ова дело не е доволно блескаво во споредба со изложените масла на платно.
„Девојка на чембало“ на Јоханес Вермер е најголемото изненадување на изложбата. Оваа слика со мал формат е единственото дело на славниот сликар (од кој се зачувани само 36 дела) што е надвор од институционалните музејски колекции. Настанато во доцната фаза на Вермеровата работа, првобитно им било припишано на неговите следбеници, за со дополнителни експертски истражувања да се утврди дека платното потекнува од истиот автор на „Плетечка на тантела“, која е дел од постојната колекција на париски „Лувр“. „Девојка на чембало“ во музејот „Пушкин“ е изложена во стаклена витрина, пред чембало што го чуваат две службенички од музејот. Од скриените звучници се слушаат звуци на инструментот.