Македонскиот пијанист Симон Трпчески на 23 декември ќе го претстави својот проект „Македонисимо“, заснован на традиционална етномузика, во Белград. Ова ќе биде прво претставување на овој авторски проект на Трпчески и композиторот Панде Шахов во регионов, а го организира Центарот на белградски фестивали. Композиторот Шахов, кој во Лондон предава на Кралскиот колеџ за музика, специјално за овој проект обработи одбрани народни мелодии за камерен состав. Покрај Трпчески, ансамблот го сочинуваат и Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело), Хидан Мамудов (кларинет, саксофон, кавал) и Влатко Нушев (удиралки).

– Идејата за овој проект потекна од Трпчески и неговата страст за традиционалната музика. Тоа беше движечка сила во текот на целокупниот проект на осмислување. Секој од шесте става вклучува песни и игри со истоветни метрички обрасци. Сплетот на народни игри и песни го нареков „Плетенки“ – наведува Шахов, додавајќи дека целта на овој проект е претставување на македонската музичка традиција, но на песните и игрите не им се пристапува на академски начин.

Како композитор, тој наведува дека сакал да го смести оригиналниот материјал во сопствениот звучен свет, кој еднакво е под влијание на импресионистичкиот третман на звукот и џез-хармонијата.

Пијанистот Симон Трпчески во текот на 2017 година оствари низа концерти во лондонски „Вигмор хол“ како резидентен уметник, вклучувајќи го и дуо-рециталот со постојаниот соработник, виолончелистот Даниел Милер-Шот, а таму ја имаше и британската премиера на „Македонисимо“. Светската премиера на овој проект беше во мај 2017 година, на фестивал во Лудвисбург, близу Штутгарт.

„Бувчанско“, „Малешевка“, „Црногорка“, „Беранче“, „Велигденско“, „Пелистерско“, „Поступано“, но и „Филка мома“ и „Чие е она девојче“ се дел од препознатливите македонски ритми, аранжерски облагородени во соработка со македонскиот композитор Панде Шахов, кои ги изведува ансамблот.