Mанифестацијата „100 илјади поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст-Струмица“, го распиша поетскиот конкурс за годинашното издание на фестивалот.

Поезијата со која ќе може да конкурираат автори од сите генерации треба да биде социјално ангажирана и да разработува теми кои се поврзани со промените, глобално, но и локално.

Секој автор може да учествува со по една песна. Песните треба да се испраќаат на фејсбук-профилот на оваа манифестација или на [email protected] најдоцна до 21 септември 2020, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредува организацискиот одбор на манифестацијата и здружението. Селектираните автори потоа ќе бидат застапени во зборникот „100 Илјади поети за промена“-Македонија, кој ќе биде издаден како дел од оваа манифестација.

Здружението распиша и конкурс за дизајнерско решение на постери/плакати кои ќе бидат дел од групна изложба во рамки на фестивалот, а тематски тие може да бидат насочени кон глобалните промени, литературата, одржливиот развој, мирот. Дизајнерските решенија може да се испраќаат на истиот мејл ([email protected]) или на фејсбук-профилот на оваа манифестација најдоцна до 21 септември 2020, по што ќе бидат разгледани од комисијата којашто ја одредуваат организацискиот одбор на манифестацијата и здружението. Пристигнатите дела ќе бидат претставени за време на изложбата која е дел од манифестацијата „100 илјади поети за промена“, на 26 септември во Струмица.

Манифестацијата е меѓународна и се одржува во повеќе светски и европски земји.