Раскази омекнати со интимни засолнувања

„Делфинот“ на Александар Прокопиев во Љубљана

Збирката раскази „Делфинот (приказни за видливото и невидливото)“ на истакнатиот македонски писател Александар Прокопиев деновиве излезе од печат во превод на словенечки јазик. Издавач е „Апокалипса“ од Љубљана, а автор на преводот е Тим Сенчар.
– „Делфин“ е збирка раскази во која постмодернистичката интертекстуалност, типична за некои од претходните негови книги, е омекната со интимни засолнувања, приказни што итро се вградени во нарацијата, раскажани со класична тактика на наративност на настани со традиционални нишки. Писателот честопати се навраќа на детството, потоа продолжува со еротските сништа од тинејџерските години и за кратко време застанува на темата што ја претставува со алузија сродна со саркастичниот апсурд на Гогољ, можеби дури и хармсовски: во расказите „Патување на еден капут“ и „Паричник“ вешто и хумористично ги одгатнува моралните прашања што го погодуваат човекот што копнее по недостижното; иако Прокопиев раскажува верижно и пивко, во поттонот ги разоткрива големите теми, прашањата за човечката чест, совест и чесност.

„Градот ја убива естетиката“ или „Штом жената чувствува дека љубовта умира, станува загрижена“ шепоти еден од неговите ликови Хорацио Цвикало. Кон женските ликови во своето пишување Прокопиев е плашлив, иако во никој случај не е бојазлив, ниту срамежлив; ги сака жените и тогаш кога не се согласува со жената и со нејзините постапки – вели за словенечкото издание на книгата, писателот, поет и критичар Јуриј Худолин.
Според него, Прокопиев e посебен, интересен писател, кој разгледува најразлични теми, ерудит без ароганција и со интелектуален заплет на текстот.
– Кога пишува на историски теми и со алузии на познати личности, не ги избира поради одмазда, иако смесата за нив ја прави сам, така што приказната станува оригинална и единствена, полна со безвременски хумор. И токму затоа е автор за сите генерации – додава тој.

Александар Прокопиев (Скопје, 1953) е доктор по книжевни науки, писател, есеист, културен двигател, љубител на патувања и поранешен член на легендарниот југословенски бенд „Идоли“, кој се одликува со директни и провокативни текстови; уште како дете бил најсреќен и задоволен кога ќе заспиел со музика. Има објавено прозни и есеистички книги, дома и во странство, неговите книги се преведени на повеќе од десет различни јазици. Последната меѓу нив е „Делфин“, која сега ја имаме и во превод на словенечки јазик.