Уметник Хива К од Ирак, вечерва, во 20 часот, со физичко присуство ќе одржи разговор со публиката во Музејот на современата уметност. Разговорот е дел од изложбата „Сѐ што ни е заедничко“, курирана од Мира Гаќина и од Јованка Попова. Разговорот ќе го модерира македонскиот уметник Никола Узуновски.
Целта на оваа средба е да се направи осврт на неговата долгогодишна работа со мултимедијални дела, кои излегуваат од рамките на нормативната естетика и ги истражуваат усните истории, начините на заедништво, колаборација и учество, и политичките ситуации.
Хива К (1975) работи проекти што се континуирана критика на уметничкото образование, професионалноста на уметничката практика, сценското претставување и визибилноста, како и митот за уметникот индивидуалец. Голем дел од неговите дела се форми и резултат на колаборација, го опфаќаат процесот на настава и учење и инсистираат на запознавање со практиката во секојдневието, наместо знаењето како формална дисциплина.
Основата на референтните точки во неговите дела се состои од приказни, раскажани од членовите на неговата фамилија и пријатели, како и секојдневни настани што се резултат на прагматика и нужност.