„Путиновите сведоци“ на Витали Мански вечерва во 20 часот ќе биде прикажан на „Киненова“ во Кинотека. Режисерот ќе присуствува на проекцијата и потоа ќе биде на располагање на публиката да одговара на прашања.

Настаните во филмот започнуваат на 31 декември 1999 година, кoга во Русија се избра нов претседател. Документарниот филм е базиран врз уникатните документирани сведоштва за вистинските причини и последици од операцијата „Наследник“, по кои Русија го испрати во заборав Претседателот кој владееше со земјата. Главни протагонисти во филмот се Борис Елцин, Михаил Горбачов, Владимир Путин и руската нација, која отсекогаш била нем сведок на својата судбина. Филмот е Мански е редок автентичен поглед врз младиот Путин и големата политичка машинерија зад него која му донесе огромна моќ.
улоги: Владимир Путин, Михаил Горбачов, Витали Мански.

Денешниот фестивалски ден ќе почне со проекција на филмот „Сомнеж“, чија проекција е закажана за 18 часот во Кинотека. Филмот едел од програмата „Посветено на…“ и се прикажува во чест на Јесин Устаоглу, мошне плодна и успешна турска авторка, која годинава е член на жирито на фестивалот.

„Сомнеж“ е засега последниот и најзрелиот филм на Устаоглу од 2016 година, во кој таа на супериорен начин ја плете приказната околу две Турчинки, едната притисната од традиционалните вредности во општеството, а другата модерна и ослободена од сите морални стеги. Сепак, тие делат многу повеќе заеднички нешта отколку што се чини на почетокот од нивното пријателство.

За крај на фестивалскиот ден уште еден филм од официјалната селекција. Станува збор за „Сократес“, бразилски филм во режија на Алешандре Морато. По ненадејната смрт на неговата мајка, 15-годишниот Сократес се обидува да се снајде на маргините на Сао Паоло, избегнувајќи ја службата за малолетни лица и прифаќајќи разни работи за да може да преживее. Во оваа наградувана драма на режисерот Алешандре Морато ќе се сретнете со темната страна на велеградот и тајните катчиња кои кријат стапици што треба да се избегнат по секоја цена. Во тие моменти на сцена стапува и потиснуваното либидо, кое сака да вреска и да се ослободи од прангите!