Покрај проекциите на повеќе од сто филма во неколку програми (cinedays.mk), 17.Фестивал на европскиот филм „Синедејс“ ќе има и богата придружна програма – работилници, предавања, филмски маркет. Во Младинскиот културен центар денеска од 13 часот фестивалот организира детска работилница со Рашко Миљковиќ, режисер на филмот „Ловец на вештерки“ кој ќе биде прикажан во кино „Фросина“.

-Ќе зборуваме како се прават филмови и кој сѐ учествува во тимот на филмската екипа, но ќе зборуваме и за тоа како се гледаат филмови. Посебно ќе се посветиме на филмот „Ловец на вештерки“, на децата актери и на суперхероите, велат од МКЦ.

Придружната програма на „Синедејс“ продолжува со дводневниот форум „Крупен план на филмските фестивали во Македонија – детален поглед во минатото и перспективите“, кој в понеделник и во вторник ќе го организира МЕДИА Деск МК.

Според Бистра Георгиева, раководителка на  Креативна Европа –  МЕДИА Деск МК, форумот ќе помогне да се одговори на прашањата – има ли начини целосно да се оствари визијата на еден фестивал, дали треба публиката да ја бараме  или таа да нѐ бара нас, како изгледа фестивал поддржан од Креативна Европа МЕДИА, што сѐ може да значи меѓуфестивалска соработка….

На 15 ноември е предавањето за дигитална дистрибуција „Како успешно да го продадете вашиот филм?“ со Коби Шели, основач на „Гобуз“, креативна агенција која нуди глобални дигитални маркетинг-услуги и целосна видеопродукција. В четврток, исто така, е и отвореното предавање „Го сретнав храбриот Балкан“ со Маша Сеничиќ и Дуња Нешовиќ од Белград. Предавањето ќе се  фокусира на важноста на интегритетот, храбриот уметнички пристап на младите автори и можностите што ги нуди современата кинематографија во регионот.

Наредниот ден (16 ноември) во МКЦ е предавањето „Како да реализирате филмски проект“ на Бригита Мантеј, која ги истакнува најпосакуваните вештини за успешна реализација на замислен проект. Продуценти, филмаџии, режисери и сценаристи ќе добијат концизен увид во потребните вештини за презентација на замислен проект на индивидуален состанок, презентација на сцена или преку писмена апликација.

На 17 и 18 ноември  во МКЦ ќе има  работилница за филмска критика за средношколци, т.н. Критичен камп во организација на фестивалот „Синедејс“ и платформата Гледај.мк. Наредниот викенд, исто така, ќе биде организиран и дводневен филмски маркет „СинеИндустри“ , на кој филмски автори, продуценти, режисери ќе разменат мислења за дистрибуцијата на филмот односно како тој да излезе од границите.