По петмесечна пауза, во Куманово започнаа да се одржуваат претстави

Монодрамата „Прво лице еднина“ во режија на Драгана Гунин, која актерката Владанка Димковска ја изведе во дворот на театарот во Куманово на почетокот на неделава, е првата претстава што овој театар ја реализира по петмесечната пауза поради пандемијата на коронавирусот. Неа ја проследија 35 луѓе во публиката со почитување на пропишаните протоколи за потребната физичка дистанца, а во организација на оваа институција се одржа и џез-концерт. На истото место е планирано и одржување и на детска ликовна работилница за која потребните материјали ги обезбеди исто така театарот.

– На крајот на јули концерт ќе одржи и нашиот оперски пејач Дарко Тодоровски, кој ќе настапи на платото на Центарот за култура. Во подготовки сме и за реализација на детското караоке-шоу, проект одобрен од Министерството за култура, каде што ги промовираме младите кумановски таленти, проект што го започнавме лани, а кој годинава е планиран за деновите по 10 август – рече Сашо Тодоровски, директорот на театарот во Куманово.
Тој укажа дека во текот на февруари во овој театар биле закажани две претстави: „Бегалка“ во режија на Ѓорѓи Ризески (две изведби на кумановскиот ансамбл) и „Чекајќи го министерот“ (гостување од Белград). За март, пак, бил закажан театарскиот маратон со изведба на неколку претстави.
– За тие претстави беа продадени билети, но поради пандемијата претставите моравме да ги откажеме и да ги одложиме.

Деновиве кога објавиме дека ќе им ги вратиме парите од купените билети на граѓаните голем дел од нив на социјалните мрежи и со телефонски јавувања во центарот направија еден интересен гест за нас како театар, објавуваа дека нема да сакаат да ги подигнат парите од билетите и дека тие средства ќе му ги остават на театарот во Куманово. Нам овој гест на солидарност од нашите сограѓани навистина многу ни значи, со тоа публиката покажува дека го сака и го поддржува театарот во ова тешко време за културата и дека сака да продолжи да гледа театарски претстави. Навистина тие финансиски средства ни се од огромно значење, ќе ги употребиме за купување средства за дезинфекција и за заштитни маски, со намера институцијата да го преживее овој критичен и тежок период – укажа Сашо Тодоровски.