Сол Њумен, професор по политичка теорија на универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон, Велика Британија, ќе одржи предавање на 29 октомври, во 19 часот, во Музејот на современата уметност. Насловот на предавањето е „Постанархизам и критички уметнички пракси“.
– Еден од клучните предизвици со кои се соочуваат уметниците денес е создавањето критичка дистанца кон системот, односно кон општествените и економски односи и динамики во чие опстојување тие нужно учествуваат. Оттаму, прашањата што произлегуваат е како да се изгради независност во однос на институциите преку кои се легитимира и преку кои се финансира нивната работа, или како да се спречат комодификацијата, присвојувањето и комерцијализацијата на нивните идеи и практики во капиталистичките системи, на чија хегемонија уметниците се обидуваат да се спротивстават. Во своето предавање, Сол Њумен ќе се осврне на можноста критичката уметност да отвори нов вид јавен политички простор – информираат од МСУ.
Сол Њумен е професор по политичка теорија на универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон, Велика Британија. Неговата работа се осредоточува на современите форми на радикалната политика. Њумен го воведува концептот „постанархизам“ со кој ги одредува новите постстатистички форми на политички активизам. Исто така, неговите истражувања се однесуваат на суверенитетот, политичката теологија, демократијата и постсекуларизмот, автономијата и слободата, како и човековите права. Неговите текстови и книги се издадени во водечките светски списанија и издавачи.
Предавањето е дел на интердисциплинарната програма под наслов „Без/редие во светот на уметноста“. Автор на овој проект е Тихомир Топузовски.