Изложбата „Проткаени сеќавања“ од авторот Слободан Милошески ќе биде отворена денеска, од 18.30 часот, во галеријата на КИЦ на Македонија во Софија.
Изложбата е составена од дела во мал формат, создадени со примена на различни техники и материјали. И ќе може да се види до 30 август.
– Современата скулптура не познава граници. Нема материјал или технологија, од основни суровини до видео, што скулптурата нема да ја собере и искористи за свои цели, а нема ни формални параметри, како во случајот со сликањето, рамнината да ја ограничат. Секако, во моментов не постои некаков стил што поставува визуелни или концептуални ограничувања. Единственото нешто што скулптурата не може да го толерира, барем во теоријата, е ограничувањето на две димензии. Ова ја прави скулптурата зона на огромна креативна слобода – вели историчарот на уметноста Џемил Бектовиќ, во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Милошески во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарскиот оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Бугарија, на Катедрата за скулптура. Има реализирано 24 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и во странство. Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор, меѓу кои: скулптури на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ и др.