Денеска од печат излегува романот „Пропаст“ од познатиот бугарски писател Владимир Зарев, во превод од бугарски на македонски на Бранислав Мирчевски. Романот е во издание на „Или-или“. Откако Владимир Зарев ја разбранува литературната сцена, критиката забележа дека „Пропаст“ е роман за промените во цела Источна Европа.

– Се очекуваше ваква книга да се појави во Полска, Чешка, Унгарија или дури и во Германија, но наместо тоа, се појави во Бугарија. И ако за Западна Европа и остатокот од светот таа беше изненадување, не беше никаков шок за бугарските читатели, оние што го познаваат и го почитуваат Владимир Зарев и неговите единаесет романи во изминатите неколку децении. Неговата најпродавана „Пропаст“ (2003) го доживува своето 12-то издание. Романот низ европските метрополи предизвика голем број осврти, особено во водечките медиуми од германското говорно подрачје, а за самиот автор е снимен документарен филм, насловен „Бугарскиот Балзак“, во кој критичката мисла го споредува со Томас Ман, Достоевски, Маркез и Булгаков. Одделни осврти го доближуваат до Апдајк по начинот на кој се градени и профилирани неговите ликови – вели издавачот.

„Пропаст“ е социјална и лична драма, роман за економската и духовната деструкција на Бугарија за време на метежната транзиција од комунизмот кон демократијата.
Владимир Зарев е современ бугарски писател, роден во 1947 г. во Софија. Работи како универзитетски професор по бугарска литература, а од 1973 г. е уредник на одделот за белетристика на списанието „Современик“. Романите му се преведувани на многу светски јазици, а романот „Пропаст“ (12 изданија во Бугарија) стана бестселер во Германија и во САД. По романот е снимен филмот „Времето е наше“. Добитник е на државните награди „Иван Вазов“ и „Елин Пелин“. Во 2017 г. ја прими државната награда „Св. Паисиј Хилендарски“ за исклучителен придонес во развојот на националната културна идентификација и духовни вредности.