Холандскиот детектив Артур Бранд, кој бара украдени и изгубени уметнички дела, ја пронајде сликата „Портрет на Дора Мар“ на Пабло Пикасо, вредна 25 милиони долари. Сликата била украдена од јахтата на саудискиот шеик на француската ривиера во 1999 година. Бранд, кој е познат и како Индијана Џонс во светот на уметноста, рекол дека сликата од 1938 година ѝ ја предал на осигурителна компанија во почетокот на месецов.

Откритието претставува кулминација на четиригодишната истрага на кражбата на луксузната јахта закотвена во Антиб. Ова е уште еден успех на Бранд што лани успеа да му врати на Кипар мозаик стар 1.600 години. Тој стана познат кога во 2015 година ги пронајде „Хитлеровите коњи“, дело на нацистичкиот скулптор Јозеф Торак.