Вечерва, во 20 часот, во МКЦ, ќе се одржи промоција на новата поетска книга од Владимир Мартиновски, „101 сонет од една чудна пролет“. Во поговорот на книгата, Оливера Ќорвезироска, меѓу другото, истакнува дека ова е „несекојдневна збирка песни за песните, поезија заседната дома, во поетскиот занает“.
– Преклопувањето на карантинот на луѓето (поетот) со карантинот на поезијата (автореференцијалната песна) се творечкото кредо на оваа збирка. Таа е претворање на врвното непоетско околу нас во врвно поетско за нас и во нас; вистински дар, најубавото лице на долгото седење дома пролетта на 2020 година. Сонетите не се непознати за поетското творештво на Мартиновски, но, сепак, цела збирка исклучиво со толкав голем и провокативен број сонети е вистински подвиг – вели Ќорвезироска.
Владимир Мартиновски (1974) пишува поезија, проза, есеи и книжевна критика. Автор е на десетина книги поезија, исто толку книжевно-есеистички книги, четири книги кратки прози и раскази, како и на две книги за деца. Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Добитник е на неколку книжевни награди. Се занимава и со музика.