Книгата „Разговори за нас“ од Катерина Богоева ќе биде промовирана вечерва, во 20 часот, во државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово. Издавач е „Блесок“, а промотори ќе бидат Бојан Иванов и Емилија Петреска-Камењарова. „Разговори за нас“ содржи избор од триесет интервјуа снимени и објавени во периодот од 2000 до 2017 година во две списанија и во еден дневен весник: „Глобус“, „Премин“ и „Утрински весник“.

– Интервјуата се реализирани во период исполнет со разни политички промени во Македонија, во време и на впечатливи настани од областа на културата и уметноста, време од новата историја на државата, кое остава голема трага во севкупното живеење. Мислењата и ставовите на еминентните соговорници од неколку држави за различни прашања, археолози, етнолози, архитекти, историчари на уметност, сликари, писатели, фотографи…. прават вид сложувалка отсликувајќи ја актуелната реалност, влечејќи паралели со настани од минатото, но и нудејќи различни визии за иднината. Мислења што заслужуваат да бидат пренесени и во книга, бидејќи на свој начин го содржат специфичниот дух на времето во кое живееме, опасно и турбулентно, но истовремено и убаво благодарение на моќта на уметноста – посочува авторката на книгата.