Вечерва, со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгата со наслов „Последните голтки: раскази за суштински нешта, вторпат“, од авторката Елизабета Баковска. Ова е втора збирка раскази на Баковска, по „Четири годишни времиња“ од пред 14 години. Поднасловот ѝ е „Раскази за суштински нешта, вторпат“, наспроти поднасловот на првата збирка „Раскази за суштински нешта“. Во неа има два циклуса: раскази во трето лице и раскази во прво лице, при што во првиот циклус има девет подолги раскази, а во вториот има 10 пократки.

– Иако поделбата е направена така да нѐ залаже дека во првиот дел се неличните, измислените приказни, а во вториот – обратното (личните, неизмислените), сепак тоа не е издржливо како основна подлошка за интерпретирање. Повеќе би рекла дека првите се малку помалку, вторите малку повеќе лични. Сѐ на сѐ, „Последните голтки“ е книга на и за сеќавањето, некаков тефтер од минатото, потпикнат под масата на сегашноста, за да ја направи постабилна, за да не се клати – пишува Оливера Ќорвезироска за книгата.

Елизабета Баковска (1969) дипломирала и магистрирала на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на институтот „Евро-Балкан“. Преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика. На македонски јазик ги превела Надин Гордимер, Вилијам Фокнер, Бора Ќосиќ, Давид Албахари. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на англиски, шпански, романски, бугарски, словенечки, српски, црногорски јазик.

За книгата ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска и Тихомир Јанчовски, додека пак раскази од книгата ќе чита Ана Василева. Фотографиите од книгата ги изложува Сашо Димоски. Логистичка поддршка даваат Љупчо Јолевски и МКЦ.