Во Музеј на Град Скопје вечер во 20 часот ќе биде промовирана новата збирка поезија на Зоран Анчевски „Небесна пантомима“, во издание на Темплум.

Книгата ќе ја претстават писателките Оливера Ќорвезировска и Магдалена Хорват, која заедно со авторот ќе чита и дел од песните.

Зоран Анчевски (р. 1954, Скопје) е истакнат македонски поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература.
Досега ги има објавено стихозбирките: „Патувања низ скршени слики“ (1984), „Стратегија на поразот“ (1994), „Линија на отпорот“ (1998), „Превод на мртвите“ (2000), „Див мир“ (2004), „Избрани песни“ (2008), „Историја на ветрот“ (2009), како и обемната студија „За традицијата“ (2007).

Преведувач е и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата Григор Прличев во 2001 година.

Добитник е и на наградата на Студентски збор за најдобра дебитантска книга во 1985, како и на престижното меѓународно признание за поезија Ѓакомо Леопарди во 2004 година.

Член е на ДПМ и актуелен претседател на Македонскиот ПЕН центар, Од 2003-2007 година бил претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата.