Во чест на стогодишнината од раѓањето на великанот на македонската книжевност Блаже Конески, издавачката куќа „Арс ламина“ реобјави пет негови значајни дела. Станува збор за стихозбирките „Везилка“, „Црква“, „Црн овен“ и двотомниот избор од творештвото на Конески: „Збор и опит 1“ и „Збор и опит 2“, кои се со нови предговори и поговори, напишани од еминентни книжевници и професори.
По тој повод, во фоајето на Националната опера и балет се одржа свечениот настан „Сто години од раѓањето на Блаже Конески: Песна од копнеж и песна од мака“. На свеченоста зборуваа авторите на предговорите, односно поговорите: академик Влада Урошевиќ, Вера Стојчевска-Антиќ, Зоран Анчевски, Иван Џепароски и Димитар Пандев. Модератори ќе бидат Бисера Бендевска и Ведран Диздаревиќ, уредници на петте книги, кои се дел од едицијата Македонски книжевни класици, во издание на „Арс либрис“.
Во стихозбирката „Везилка“, каде што автор на поговорот е академик Влада Урошевиќ, се присоединети песните од збирките „Везилка“ и „Стерна“. Тука се собрани најпознатите песни на Конески: „Везилка“, „Стерна“, „Одземање на силата“, „Болен Дојчин“… Во стихозбирката „Црква“, која е со поговор на Вера Стојчевска-Антиќ, носечка е истоимената песна „Црква“, во која лирскиот субјект, кој е, всушност, гласот на самиот Конески, пее за тагата од сознанието дека сакаат да ја урнат црквата во родното село Небрегово. „Црн овен“ е со поговор на Зоран Анчевски. Станува збор за последната реч во долгото и богато творештво на Блаже Конески, стихозбирка во која на величествен начин го заокружува и го коментира сопствениот опус. Двотомниот избор од творештвото на Конески „Збор и опит: избор од книжевното творештво“ го приредија универзитетските професори Иван Џепароски и Димитар Пандев. Осмислени по повод стогодишнината од раѓањето на Конески, овие две книги треба да претставуваат краток вовед во неговото дело, избор од најважното што го создал во доменот на книжевноста и во доменот на науката.