Во Спомен собата на центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип утре во 12 часот ќе се одржи промоција на романот „Одбројување“, за кој Фросина Пармаковска ја доби наградата „Роман на годината“ за 2017 година, што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“. Промотивна реч ќе одржи Ѓоко Здравевски.
„Одбројување“ е трет роман на младата писателка (Скопје, 1985), која дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет и магистрирала на Културолошките студии на Институтот за македонска литература.
По неколку објавени раскази, во 2013 година се појави нејзиниот прв роман „Пишувајќи ги изгубените топки“.

Наредната 2014 година го објави „Вишнова хроника“, кој влезе во финале за „Роман на годината“ и веќе е преведен на бугарски и на украински јазик.

Пармаковска е претставничка на новиот бран помлади македонски писатели и во февруари годинава стана член на Друштвото на писателите на Македонија.
Романот „Одбројување“ го објави издавачката куќа „Или-Или“.