Во Музеј-галеријата во Кавадарци, утре со почеток во 12 часот проф. д-р Виктор Лилчиќ во улога на промотор, ќе говори за каталогот „Нумизматичкиот материјал во Музеј-галерија Кавадарци“ на авторите Весна Ѓорѓиева и Раде Атанасов.

Во овој каталог на 52 страници се претставени 178 монети, почнувајќи од
хелинистичкиот, римскиот и доцнаантичкиот период, продолжувајќи преку византискиот, па се до османлискиот период, притоа хронолошки давајќи ни подобра слика и за економската моќ на овој регион низ вековите. Преку овој каталог љубителите на нумизматиката и уметноста воопшто ќе имаат документ од трајна вредност низ кој сликовито се опишани формите и претставите на монетоковањето низ вековите преку монетите кои циркулирале во Тиквешијата.

Нумизматичката збирка на Музеј-галеријата Кавадарци ја сочинуваат 450 монети прибрани по пат на на откуп, подарок, рекогносцирање на локалитетите во Тиквешијата, сондажни и системски археолошки ископувања.Каталогот е плод на неколкугодишни проекти кои музејот ги реализираше во изминативе години со подршка на Министерството за култура.

Активностите беа започнати во 2015-2017 година во соработка со м-р Емилија Митева, конзерватор за метал од Археолошкиот музеј во Скопје. Таа го изработи и реализира проектот за конзервација и реставрација на 204 монети од збирката на Музеј-галеријата во Кавадарци.

Во 2018 година дел од монетитебеа обработени од страна на Сања Битрак, кустос нумизматичар, исто така во Археолошкиот музеј, а во 2019 година извршени се и консултации со археологот Александар Илиевски. Сите проекти се под раководство на кустос советник Весна Ѓорѓиева, додека заштитните археолошки ископување се во соработка со Националниот конзерваторски центар во Скопје, со кои раководеше кустос советник археолог Миле Велчоски. Ми.М.