Промоција на монографијата „Првиот принцип – цртежот“ од Марија Павловска ќе се одржи во галеријата „Остен“, вечерва, во 19 часот. Промотор е Антони Мазневски. Станува збор за докторската теза на Павловска, „Историско-уметнички преглед на темата цртеж низ стиловите, низ епохите, како основа на уметничко дело“, под менторство на Кокан Грчев, која е преточена во монографско дело.

– Предмет на истражувањето се проблематиката, содржината и важноста на ликовно визуелниот линеарен запис – цртежот, третиран и разбран како примарен визуелен запис и документ што следствено влијае врз развитокот на сите други визуелни дисциплини: сликарство, вајарство, архитектура. Притоа, историскиот развој на феноменот на цртежот е поставен во контекст на соодветно истражување на ликовно визуелниот запис. Ова истражување особено го подвлекува значењето на цртежот како примарна структура на секое уметничко дело, давајќи му на самиот цртеж значење и функција да опстојува и да биде препознаен како автономен документ, автономна визуелна форма – вели Грчев за книгата.