Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, утре, со почеток во 12 часот, ќе биде промовиран романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева, добитничка на наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, за најдобра прозна книга објавена на македонски јазик во 2017 година.
За книга ќе зборува Виолета Танчева-Златева, а делови од романот ќе интерпретира актерката Сања Арсовска.

Јагода Михајловска-Георгиева е прозаистка, есеистка и филмска критичарка. Таа досега ги има објавено книгите: „Мојата кожа“ (збирка раскази), „Момчето молња“ (роман), „Игбал, мојата тајна“ (роман), „Каменот од Твојот ден – хималајска приказна“ (роман), „Индиго Бомбај“ (роман) и др.
Добитничка е на наградите „Рациново признание“ и „Роман на годината“ на „Утрински весник“ за 2008 година, како и на повеќе награди за краток расказ.