Промоција на „Ловци на лажни вести од зграда 39“ на Огнен Неделковски

Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје годинава првпат го распишаа Конкурсот за оригиналнo прoзно дело за тинејџерска возраст во жанрот на роман, новела или збирка раскази на кој, по сериозно препрочитување и разгледување на пријавените дела и по неколку одржани средби, тричлената стручна комисија го избра романот „Ловци на лажни вести од зграда 39“ од авторот Огнен Неделковски. Книгата што веќе е отпечатена во издание на детскиот културен центар „Карпош“ ќе биде промовирана вечерва, во 19 часот, на покривот на ГТЦ.
Станува збор за живо и духовито напишано дело со актуелна тема, водено од искусен и сигурен автор во обликувањето на ликовите и на ситуациите. На промоцијата ќе се обратат директорката на ДКЦ, Билјана Лалчевска Серафимовска, претседателот на комисијата, Александар Прокопиев, и членовите: Весна Дамчевска и Јулијана Јакофска Георгиевска.
– Целта на овој конкурс е да се поттикне продукцијата на литература за деца и млади од оваа возраст – велат од ДКЦ „Карпош“, културно-образовна институција со долгогодишна традиција што го организира и осмислува слободното време на децата во воспитно-образовна и творечка работа.