Книгата „Културна фабрика (Огледи за родот, градот и популарната култура)“ од Ана Мартиновска, која содржи избор од осумдесетина авторски колумни на родови и културолошки теми, кои се објавувани во неделникот „Глобус“ и во дневниот весник „Нова Македонија“, ќе биде промовирана вечерва од 19 до 21 часот во клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар.

Книгата е поделена во 3 поглавја: „Белешки за родот, сексуалноста и слободата на избор“, „Потрага по уметноста и убавината на урбаното живеење“ и „Приказни за другата страна на популарната култура“. „Културна фабрика“ има цел да проговори за болките и предизвиците на современата култура, сфатена во најшироката смисла на зборот. Огледите во книгата се обидуваат да провоцираат, да ги разнишаат востановените поредоци, да ги срушат закоравените митови и стереотипи, да ги предизвикаат сите стеги на општественото, родово и културно живеење во нашата држава. И на тој начин, на овие двесте странички, тие сакаат да остават трага за културната продукција во Македонија во изминатата деценија, сведоштво за конзервативните и патријархални струи што доминираа во јавниот дискурс и потврда за борбата за слобода и отвореност во уметноста, културата и општеството во целина.

Издавач е Институтот за македонска литература при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.