Книгата „4х9“, во која е објавена драмата „9“ издадена на четири јазици (македонски, руски, српски и бугарски), од Гоце Ристовски, ќе биде промовирана вечерва, во 19 часот, во паркот пред КИЦ.

Драмата „9“ е сoвремено напишан текст, без оние класични поставки, но кој токму поради тоа нуди многу предизвици за инсценација. Пред сè тој на поширок план кореспондира со општо распространетото чувство на исчашеност од светот, чувство на преод од еден облик во друг, од реалното кон виртуeлното, но, како тој преод предолго да трае и тој наш поединец сè повеќе личи на некое немоќно суштество на кое ништо не му поаѓа од рака.

Промоторка на книгата ќе биде Кристина Николовска, а ќе се одржи и театарски перформанс со Елизабета Стефановска и Благој Чоревски и музички перформанс со Полина Тасева, Иван Петровски и Ристо Тасев Босилски. Ликовен перформанс ќе имаат Зоран Митревски и Живко Поповски-Цветин.