Издавачки центар „Три“ ја претставува првата книга на македонскиот шампион во повеќе атлетски дисциплини, маратонецот Кокан Ајановски. „Трчањето ме учи“ е многу повеќе од книга за личната заложба и стремежот кон успех. Таа е збирка приказни со кои авторот ги пренесува инспирацијата и љубовта кон трчањето, но и најважната сила што нè движи напред и нè поттикнува да истрчаме уште еден километар, да направиме уште еден напор – за да станеме подобри од она што веќе сме.

– Неговите мисли и текстови се фокусирани и пренесени како секојдневна поддршка во патот кон целта. Зборовите како упорност, истрајност, дисциплина и благодарност се водилки во неговите приказни за постигнување најдобри резултати. Без вистинска посветеност и љубов, нема успех – е неговото мото за освојување нови лични победи – велат од „Три“.

Иако Кокан Ајановски е нов во областа на пишаниот збор, со спортот интензивно се дружи подолго време. Имено, тој е 22 пати државен првак во повеќе атлетски дисциплини, како и учесник на Светското првенство во планинско трчање. Како голем ентузијаст и пренесувач на своето знаење, во 2016 г. отвори школа за трчање, преку која сака да ги активира сите вљубеници и рекреативци во трчањето.
Промоцијата на книгата ќе биде в понеделник, во „Јавна соба“, со почеток од 19 часот.