По повод 130 години од излегувањето на весникот „Македонија“ (1888-2018) во Национална установа Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид ќе биде промовирана книгата Константин С. Шахов-Книжевност на авторот Томе Груевски.

Промоцијата е во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“- Охрид и здружението „Базилика“ – Мешеиште, а промотори на книгата ќе бидат Гордана Змејковска, Милчо Јовановски, и Светомир Стефановски.

Промоцијата ќе се одржи во петок на 12.10.2018 во 12 часот во НУ Библиотека „ Григор Прличев“- Охрид.

Константин С. Шахов од Охрид е една подзаборавена, но многу значајна личност од македонската национална историја. Тој е неодминлив деец во македонската национална и културна историја кој е заслужен во неговата работа на полето на новинарството во втората половина на деветнаесеттиот век и првите две децении на дваесеттиот век.

Тој се појавува како сопственик или како главен и одговорен уредник на 11 весници. Освен весникот „Македонија“ (1888-1893), Коста Шахов ги издавал и весниците: „Дневни Новини“ (1890), „Странник“ (1891), „Глас македонски“ (1893-1898), „Борба за слобода на Македонија и Одринско“ (1899), „Балкански ек“ (1900), „Македонија“(1902), „Борба“ (1905), „Софиски новини“, (1906), „Македонија“ (1908-1912), „Балканска зора“ (1912). Но, со тоа не се исцрпува неговата новинарска дејност. Шахов, исто така, соработувал во многу други весници, како што се: „Реформи“ (1899), „Дебарски глас“ (1909), „Дебар“ (1905) и др., а, исто така, и во списанието „Лоза“ (1892).

Тој е најактивниот македонски публицист од втората половина на XIX век и првите две децении на XX век.