Промоцијата на книгата „Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска, издание на „ПНВ публикации“ од Скопје, ќе се одржи вечерва во 20 часот, на платото пред Младинскиот културен центар во Скопје, во согласност со протоколите за организирање настани на отворено. Станува збор за збирка радиокритики, како и новински критики пишувани за весници, списанија и портали. Текстовите се пишувани во долг период од петнаесетина години, за поширока публика.
За делото ќе говори Соња Стојменска Елзесер, а модераторка ќе биде Јулијана Величковска.
Во основа, секој од овие текстови ја следи линијата на пишување критика за специфичен медиум – за радио или за весник, односно, за специјализирани книжевни списанија или веб-страници. Оттука, нивното обединување во книга е следење одреден континуитет во пишувањето текстови за критиката, што важи за не многу популарен жанр кај нас, а во неа, пак, уште послабо застапениот поим на новинска или радиокритика. Делот „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје. Текстовите поместени во вториот дел од книгата – „Четириесет реда“, се новинска критика.
Александра Јуруковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите. Од 2001 година работи како новинарка и уредничка во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија и на редакцијата на гласникот „Стожер“ – гласникот на ДПМ.