Промоција на книгата „Бдеењето на Одисеј“ од Драги Михајловски, издание на „Детска радост“ ќе се одржи во „Салон 19:19“ утре со почеток во 19.19 часот.
„Бдеењето на Одисеј“ е патување во просторот на сеќавањето и реконструкција на неговиот микроуниверзум со помош на личната и колективната меморија врзана за топосот Битола и Битолско. Во таа смисла, кажувањето е структурирано како автобиографско кажување за периодот на детството и доживелиците што го чинат, но истовремено е и хроника на идеолошкиот универзум на времето во првите децении на македонското опстојување во СФРЈ, во кое особено умешно се интерполира колективната меморија за вековното опстојување на тој простор како крстосница на вери и народи, времиња и обичаи.
Книгата ќе ја промовирa Наташа Аврамовска, а извадоци ќе чита Татјана Димовска-Атанасова.