Со почеток во 21 часот вечерва во Фоаје на Кино „Фросина“ МКЦ ќе биде промовирана книгата „Дедикар Икарал“ на Ѓоко Здравески, издание на „Антолог“ од Скопје.

Централната идеја на книгата е содржана токму во неологизмот на Горан Стефановски, кој од двајцата митски ликови Дедал и Икар прави еден, Дедикар Икарал, кој се родил со крило на левата рака и со ѓуле на десната нога. Практично, во овој неологизам е содржана целата метафора за лирскиот субјект, кој стреми кон височините, но поради својата телесност не може да се одвои од земјата (угоре небо / удолу тело).

Ѓоко Здравески е роден во 1985 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Осум години работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш. Соработува со електронското списание Блесок (www.blesok.mk) како уредник за поезија и со електронскиот месечник за култура и уметност Репер (www.reper.net.mk). Од јуни 2014 година, заедно со Ана Голејшка, ги организира книжевните вечери Астални проекции, кои се случуваат секој прв вторник во месецот во кафето Менада.

Пишува поезија, кратка проза и есеи. Има објавено четири книги поезија на македонски: „Палиндром содвен“, „Куќичка за птици-преселници“, Љубавина и Дедикар Икарал. Заедно со уште неколку поети од Србија и од Македонија ја има објавено книгата „Торту кроз прозор“.