Со почеток во 19 часот, вечерва во малата сала од Центарот за култура во Кичево, ќе бидат промовирани првите две книги од едицијата за хумор и сатира на познатиот хуморист и имитатор Војче Китаноски.

Оваа промоција ќе биде збогатена и со учество на оперските пеачи Серафина Фантаузо и Стефан Митревски и гитаристот Радован Василевски.

Се очекува на оваа промоција да присуствуваат голем број познаници и пријатели на Китаноски, бидејќи дел од својот живот го поминал во овој град.

-Ми причинува посебна чест и задоволство своите две први книги за хумор и сатира,„Енциклопедија за хумор и сатира“ и „Антологија на 500 најубави вицови за деца“ да ги промовирам пред граѓаните на Кичево, каде ги поминав и средношколските денови. Како и секогаш во овој град се чувствувам како дома, а оваа вечер ми е посебно драга, бидејќи градот на мојата младост го одбрав како прва дестинација, после главниот град, за промоција на моите две книги. Првата ја промовирав во месец октомври во „Матица“ во Скопје, додека втората книга беше промовирана на Саемот на книгата што се одржа оваа пролет – рече Војче Китаноски, за својата промоција во Кичево

Покрај хумор и сатира оваа вечер ќе биде збогатена и со учество на оперската дива Серафина Фантаузо, младиот и талентиран оперски пејач Стефан Митревски, како и професорот по соло и акустична гитара Радован Василевски.