Промоција на збирката кратки раскази „Во главата слушам песна“ од Елизабета Баковска ќе се одржи в петок (2 октомври) во Кинотеката на Македонија со почеток во 18 часот.

Промоцијата е во рамки на фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“, а книгата е во издание на „Или или“. 

Промоторка ќе биде Калина Малеска.
– Кратките раскази (кратки кратки раскази, микрораскази или микрофикција, како што би можеле да се наречат) во збирката „Во главата слушам песна (лирски рефрени)“ – внимателно структурирани, уметнички ефективни и емотивно топли – издвојуваат значајни лични моменти од животот на авторката и откриваат аспекти и односи кои обично се затскриени или чии импликации не се видливи сè додека самите раскази не ги откријат нивните потенцијални значења… тие не само што раскажуваат приказна, туку претставуваат и размислување за можните значења на настанот опишан во приказната, каде што доаѓа до израз и емпатијата на авторката и способноста да ја преземе на себе, а со тоа и да ја сфати, перцепцијата на другите…- вели Малеска. 

Елизабета Баковска (1969) има дипломирано и магистрирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на институтот „Евро-Балкан“. Преведува, пишува поезија, проза, раскази за деца и книжевна теорија и критика. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на повеќе јазици.
Објавени книги: „Житие на нашата љубов“, поезија (Маседониа Прима, 2003),
„Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта, раскази“ (Блесок, 2004),„Состојби на духот и телото по триесеттата“, поезија (Блесок, 2005), „На пат кон Дамаск“, роман (Слово, 2006), „Варварите сè уште пишуваат поезија“, поезија (самостојно издание, 2015), „Сопствена соба, сопствено гето“: женското писмо во современата македонска проза, книжевна теорија/критика (самостојно издание, 2016), „Тринаесет осврти за книжевни и слични дела“, книжевна критика (Блесок, 2018), 
„Последните голтки“: раскази за суштински нешта, вторпат, раскази (самостојно издание, 2018).