Книжевно промотивна вечер на романот „Аб’т“  од Оливера Ќорвезироска ќе се одржи вечерва во кино „Култура“ со почеток од 20 часот.

Покрај авторката ќе учествуваат и актерот Јовица Михајловски, писателот Владимир Јанковски, кој ќе го води разговорот, како и публиката.

– Новиот роман на Оливера Ќорвезироска, и овојпат со еден талентиран зафат и необична структура, како и во нејзините претходни текстови, ни нуди на показ проседе на еден автор кој не се помирува со веќе банализираните постигања во нашата проза. Романот „Аб’т“ е колку современ, толку и роман за времињата што минуваат и се испреплетуваат влијаејќи си едни на други, толку и роман за човечката душа и за нејзините треперења, па и за нејзините одгласи наоколу, кои се отсликуваат и пресоздаваат во слики што нѐ потресуваат со оригиналноста и многузначноста – напиша за романот познатата писателка Оливера Николова.

Промоторот на романот, Владимир Јанковски, вели дека Ќорвезироска успеала да даде нова светлина на веќе толку обработувани теми.

– По илјадници страници во светската книжевност напишани на темата семејни драми, Ќорвезироска напишала роман за сложеноста на семејните драми, докажувајќи дека не постои тема во книжевноста која претходно е обработена, а на која не може да се пишува на нов, автентичен, добар, сопствен начин. Дека без разлика колку болка, острина и грч носи една семејна драма, за неа може да се пишува без патетика и сентименталност. А сепак текстот да долови цел спектар на емоции кои воопшто и не мора директно да бидат спомнати. Дека литературата е најдобра кога пишува за нешта кои (барем директно) не ги споменува – вели Јанковски.