Во МКЦ е промовиран романот „Сивиот плоштад“ од Сашо Огненовски, писател, актер и комуниколог, кој досега издал пет збирки поезија, две пиеси за возрасни и четири пиеси за деца.
Романот го промовираше Лилјана Пандева.
– „Сивиот плоштад“, освен што не треба, туку и не може да се спореди со ниту едно друго прозно дело од македонската современа книжевност. Благодарение на авторовата, условно речена, љубов за филмот и театарот или, пак, безусловно речено на неговата ерудитност за филмот и театарот, „Сивиот плоштад“ е прозно дело – роман, но со филмска сценографија и со драмски дијалог, со еден збор, романот е адреналински. Од прологот до крајот – вели Пандева.
Делата на Сашо Огненовски се преведувани на англиски, српски, бугарски и на арапски јазик. Застапен е во поетски антологии во земјата и во странство. Уредник е на книжевното списание „Книжевни елементи“. За својата поезија е добитник на наградата ИЊА Богдани од Косово и на наградата на Друштвото на преведувачите од Црна Гора. Романот е издание на „ПНВ публикации“.