Во рамки на одбележувањето 100 години од раѓањето на македонскиот поет, раскажувач, есеист, книжевен научник и лингвист Блаже Конески на „Струшките вечери на поезијата“ синоќа беше промовирано монографско издание за великанот на македонската книжевност.

Предговорот на Монографијата го напиша македонскиот поет, раскажувач, критичар, есеист, книжевен теоретичар Атанас Вангелов, кој посочи дека оној што не влегол досега во поезијата на Конески има трајна загуба.

– Изучувањето на поезијата на Блаже Конески, стекнувањето претстава за нејзините технички достигања, е од пресудна важност за натамошниот подем на нашата поезија. Можно е на последново становиште да му се упати ваков приговор: таквиот потфат неминовно води кон поетичка канонизација што се искажува секогаш негативно кон живиот процес на литературниот развиток. За тој приговор го имаме следниов одговор: изучуваме едно исклучително дело не за да можеме да го репродуцираме, туку да научиме како да се искажеме себеси. Го изучуваме него не за да ја моделираме според него иднината (литературна), туку за да можеме да се движиме направо кон неа, збогатени со мудро и скапоцено искуство. Зашто (да го парафразираме Јакобсон), лаже оној што кажува дека немал претходници – вели Вангелов.

На фестивалот беше претставена и годинешната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци” за 2021 година, Лидија Димковска, за која говореше македонскиот писател Сашо Огненовски, со посебен акцент на добитничката книга „Гранична состојба“.

– Говорејќи за квалитетите на овој ингениозен поетски ракопис и за грандиозната книжевна фигура на Лидија Димковска, ќе истакнам дека оваа поетска збирка ќе остане во аналите на македонската книжевност и во духовната колективна меморија како што тоа била вечната поетска збирка „Дениција“ на Петре М. Андреевски или „Записи“ на Блаже Конески или, во светски рамки, како што се делата на Вислава Шимборска. Она што го посакуваме е „Гранична состојба“ да доживее многу препеви за да може да освои и други поетски ловорики, а Лидија Димковска својот литературен гениј да го продолжи со нови дела и нови успеси – рече Огненовски.