„Тешка свила“ и „Снег за двајца“ на Лилјана Дирјан, две книги од познатата авторка, кои се постхумно обновени од издавачката куќа „Антолог“, завчеравечер беа промовирани во Скопје.
„Тешка свила“ е поетска збирка, поделена во три целини, која дава слика за индивидуалното поетско доживување и сеќавања на некои минати времиња
„Снег за двајца“ е прозно дело напишано во форма на дневник меѓу два лика што некогаш биле во љубовна релација. Двата лика, Отсутниот и Присутната, ја читаат Марина Цветаева. Дирјан интегрира цитати, делови од писмо на Марина Цветаева напишано до поетот Евгениј Лозман, зимата 1920 година. Покрај Цветаева, Дирјан комуницира и со многу други врвни писатели како Кафка, Бродски, Песоа, Сабато, Бекет, Бела Хамваш, Даша Дрндиќ…
Лилјана Дирјан, која почина минатата година, е родена во Скопје во 1953 година каде што и дипломирала на Филолошкиот факултет. Била на студиски престој во Париз како стипендистка на француската влада и на фондацијата „Губелкијан“. Поезијата на Дирјан е преведувана на многу јазици и е застапена во антологиите на македонската современа поезија. Долги години работеше како главна уредничка на списанието „Жена“. Беше една од основачите и членка на Друштвото на независни писатели на Македонија, како и уредничка и една од основачите на регионалното списание за литература „Сараевски тетратки“.