Во рамките на „Малиот новогодишен саем на книгата“ се одржа промоцијата на книгата „Средни години“ од словенечкиот поет Алеш Мустар, во издание на „Или-или“, а во препев од словенечки на Лидија Димковска. Низ разговор со авторот, книгата ја претставија Александра Јуруковска и Лидија Димковска.

Критичарите за книгата, која беше одлично прифатена во матичната Словенија, истакнуваат дека Алеш Мустар со пораките и уметничката вредност на својата оригинална автопоетика, со оваа збирка претставува неповторлив глас во словенечката поезија.

– Поетскиот глас е разбирлив, непосреден и емотивно обележан, а уште една одлика на авторот е високата мера (само)иронија, црн хумор, па и цинизам од една, како и остра општествена критичност од друга страна – вели Кристина Слуга од „Букла“.

Мустар (1968 г., Љубљана) е поет и преведувач. Дипломирал англиски јазик и книжевност, како и педагогија на Универзитетот во Љубљана, а докторирал од областа на романската драматургија на Универзитетот во Букурешт, Романија. Преведува романска и македонска книжевност на словенечки јазик. Ја објавил поетската збирка „Суд(бин)ско толкување“ (2005), која беше номинирана за најдобра дебитантска поетска збирка, препеана на македонски („Блесок“, 2007) и на англиски („Блат букс“, 2008).