Македонскиот писател Александар Прокопиев е гостин на 12-то издание на Саемот на книгата и книжевниот фестивал на автори „Врисок“, кој ќе се одржи во Риека, Хрватска (избрана за Европски град на културата за 2020). На фестивалот, кој ќе се одржи од 12 до 19 мај, се претставуваат книжевните дела на триесетина значајни регионални автори, меѓу кои Слободан Шнајдер, Клаус Детлеф Олаф, Зоран Предин, Боривој Радаковиќ, Срѓан Воларевиќ, Ласло Вегел…

Претставувањето на хрватскиот превод на книгата „Човечулец“ ќе се случи на 14 мај навечер, во Гувернеровата палата во Риека.

– Човечулецот се движи низ Европа, веќе стапна во Азија и Африка, но мене, како автор, најдраго ми е кога патува и се препознава низ нашиот регион – вели Прокопиев, чиј „Човечулец“ неодамна имаше своја вечер и во рамките на циклусот „Словенска фантастика“, кој секоја среда се одржува во белградската универзитетска библиотека „Светозар Марковиќ“.